ФК Гостивар: Нашиот револт е кон Стојчевски, а на ФФМ не му одговараме!

Прволигашот Гостивар се огласи со соопштение по повод напуштањето на теренот на натпреварот против Работнички, откако дебармаалци направија пресврт (1-2) во битката за место во Европа.

Од Гостивар не говореа многу за нивниот потег, само посочија дека револтот е кон судијата Игор Стојчевски. За соопштението на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), пак, беа кратки, истакнаа дека нема да одговараат. Својот став го кажаа на вчерашната прес-конференција.

„Инцидентот кој се случи не е против нашиот ривал Работнички. Нашата реакција е заради судијата Игор Стојчевски. Овој судија е познат по скандалозното судење.

Ниту еден тим не го сака. За соопштението на федерацијата нема да одговориме на ниту еден збор. Како што кажавме на нашата прес-конференција, ние сме чисти, нема тема на која што немаме одговор“, велат од Гостивар.

Овој клуб службено ќе го загуби натпреваротт со Работнички, а ризикува и да загуби бодови. Плус, можни се и казни за иницијаторите на повлекувањето од терен.