ФК Брегалница: Да се спроведе закон на терените каде што се прогледуваше низ прсти!

Екипата на Брегалница загуби од Башкими со 2-1 во последното есенско коло од Втората македонска фудбалска лига. Овој натпревар беше прекинат во првиот дел, поради обид на две лица да влетаат на терен и да се пресметаат со судијата Игор Иванов. 

Постоеше огромен гнев кон велешанецот, па поради тоа ситуацијата за малку не ескалираше. Навремената реакција на редарите спречи да се случи поголем скандал. За ситуацијата реакција имаше и од фудбалскиот клуб Брегалница која објави соопштение

„Денешното дерби во втората лига го одбележа инцидентот (веќе неколку пати домаќинот е во улога на иницијатор) каде за малку посериозно не настрадаа судиите и нашите фудбалери. Иако без гледачи, неслужбени лица од таборот на домаќините беа тие кои го предизвикаа инцидентот, поради кој беше прекинат натпреварот. Константните притисоци уште од првата минута, заканите кон судиите и гостите ескалираа кога во првото полувреме неколку неслужбени лица од домашниот табор вербално го нападнаа главниот судија Иванов, неговите помошници и дел од гостинските фудбалери. Причина за нападот беше судискиот свиреж при акција на домаќините бидејки во моментот на теренот имаше две топки. Главниот судија, по правило, ја прекина играта за да се отстрани едната топка. На тоа бурно реагираа неслужбени лица кои влегоа во теренот и почнаа вербално да ги напаѓаат гореспоменатите лица.

Помошниот судија кој беше од страната на клупата на домаќините во текот на целиот натпревар беше изложен на напади и константен притисок, со тоа и не можеше да се фокусира на случувањата на теренот, па направи неколку кардинални грешки кои директно влијаеа на резултатот. Упатуваме апел до ФФМ, детално да се разгледа ситуацијата и конечно да се спроведе законот и на оние терени на кои досега се прогледуваше низ прсти. Фудбалските терени не смеат да бидат поле за етнички и политички препукувања, а уште помалку место за демонстрација на насилство“, напишаа штипјани. 

  • Инцидентот на пресметката меѓу Башкими и Брегалница:

Башкими го доби мечот и се приближи на бод зад Брегалница на крајот на полусезоната, а борбата за место во ПМФЛ продолжува напролет.