ВИДЕО: Фирмино и Мане се „налутија“, Ливерпул преку пресврт го среди Барнли

Фудбалерите на Ливерпул, можеби не така лесно, но заслужено, запишаа значајна победа во борбата за титулата во Премиер лигата, откако на својот „Енфилд Роуд“ со 4-2 го совлада секогаш незгодниот Барнли на Шон Дајч во првиот неделен натпревар од 30. коло во Премиер лигата. 

„Црвените“ лошо го започнаа мечот, особено голманот Алисон Бекер, кој во 6. минута му дозволи на Ешли Вествуд да погоди директно од корнер и да донесе гостинска радост. Домашните фудбалери бараа фаул врз својот голман, кој беше во сендвич од тројца противници, но Маринер се реши да го признае голот и да покаже на центарот. 

Сепак, правдата за краток период беше задоволена, откако Ливерпул успеа веднаш да се врати во игра и на полувреме да замине со водство од 2-1. На 1-1 израмни Фирмино на асистенција на Салах, додека предност за „црвените“ донесе токму Сенегалецот Садио Мане.

Во вториот дел избраниците на Клоп не дозволија нов шок за своите фанови, го контролираа мечот, ја имаа топката во своите нозе и преку Фирмино зголемија на 3-1. Барнли во самиот финиш од мечот успеа да намали со голот на Гудмундсон, но уште во следниот напад Мане ги постави конечните 4-2.

Со овие три бода, Ливерпул се врати на негатива од еден бод во однос на лидерот Манчестер Сити, додека Барнли со 30 бода останува на 17. место.