ВИДЕО: Фирмино и Кеита го срушија Порто, Ливерпул со залиха ќе патува на „Драгао“

Во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите, фудбалерите на Ливерпул на „Енфилд“ го совладаа тимот на Порто со 2-0 и направија огромен чекор кон пласман во полуфиналето.

  • Извештај од натпреварот:

Од самиот старт избраниците на Клоп тргнаа офанзивно и по само шест минути игра поведоа со 1-0, откако Наби Кеита помалку среќно го матира Икер Касиљас.

И по водечкиот гол „црвените“ имаа повеќе од играта и константно ја притискаа задната линија на гостите. Во 22. минута Мохамед Салах излезе буквално сам пред Касиљас, но за среќа по гостите биеше само покрај стативата. Сепак, подобрата игра беше крунисана само четири минути подоцна, откако Роберто Фирмино ја заврши прекрасната акција на домаќините (2-0).

Веднаш по примениот погодок, избраниците на Консеисао имаа шанса преку Муса Марега, а потоа и преглед на ВАР поради наводен пенал, но од сето тоа добија само корнер. Последната шанса во првиот дел ја имаше стрелецот Фирмино, но од близина биеше високо над голот.

Вториот дел започна со погодок на Садио Мане, кој беше поништен поради офсајд, а и по прегледот на ВАР истиот беше само потврден. Во 62. минута Консеисао во игра го внесе Брахими, но и тој не направи некоја разлика, па Ливерпул продолжи да доминира на теренот.

До крајот Ливерпул без проблеми ја чуваше стекнатата предност, за разлика од Порто, кој едноставно беше безопасен и имаше само една полушанса преку Марега, која не беше доволна за да се совлада Алисон, па Ливерпул во Португалија ќе патува со сигурна залиха.

Реванш натпреварот на „Драгао“ е закажан за 17 април.