Фиорентина се огласи за состојбата на Бове: Стабилен е, нема штета...

Навивачите на Фиорентина, но и јавноста во Италија и светот може да здивне - Едоардо Бове и официјално е во стабилна состојба. Младиот фудбалер колабираше за време на мечот на неговиот тим со Интер, предизвикувајќи страв и паника на „Артемио Франки“. 

Бове загуби свест, страшни беа сцените на теренот, а потоа беше пренесен во болница со возило на итната помош. По околу два часа, официјално Фиорентина потврди дека нејзиниот фудбалер се наоѓа во стабилна состојба и нема перманентна штета. 

„Фиорентина објавува дека фудбалерот Едоардо Бове на кој беше интервенирано на теренот поради губење на свест за време на мечот со Интер, се наоѓа во стабилна состојба и е хоспитализиран на интензивна нега. Играчот на Виола пристигна на одделението во стабилна хемодинамична состојба. Кардиолошките и невролошките тестови отфрлија штета над централниот нервен систем и кардиоваскуларниот систем. Едоардо Бове ќе биде следен во следните 24 часта“, објави клубот.

Средбата меѓу Фиорентина и Интер беше прекината и одложена, а сцените беа навистина трауматични. За среќа состојбата на младиот Бове е стабилна во моментов.