• Мартин Танасковски
Според најновите информации на шпанскиот весник „Марка“, Катар е најсериозниот кандидат за домаќин на претстојниот спектакл наречен Финалисима, мечот кој традиционално ги спојува освојувачите на Европското првенство и Копа Америка. Во следното издание, тоа би бил дуелот меѓу актуелните шампиони на Европа, Шпанија, и светските и јужноамерикански прваци Аргентина.
Овој престижен натпревар, кој симболично го претставува судирот на двата најсилни фудбалски континенти, првично требаше да се одигра многу порано, но поради преполниот меѓународен календар и Светското првенство во Катар во 2022 година, беше одложен. Новиот датум кој се разгледува е 28 март 2026 година, во рамки на меѓународниот прозорец што ќе биде резервиран за бараж натпреварите за Светското првенство.
ФИФА, според извештаите, го поставува овој дуел како приоритет, што значи дека во истиот термин нема да се играат други меѓународни натпревари. Идејата е Финалисима да се одигра во период кога и Европа и Јужна Америка ги завршуваат квалификациските циклуси, што дополнително ќе ја зголеми привлечноста на овој фудбалски настан.
Иако неколку градови влегле во разгледување – меѓу кои Мајами и Ријад – најголем фаворит е токму Катар. Како потенцијална локација се споменува легендарниот стадион „Лусаил“ во Доха, арената каде што Аргентина ја освои својата трета светска титула по триумфот над Франција во финалето на Мундијалот 2022. Меѓу причините Катар да биде прв избор се и одличните климатски услови, географската позиција погодна за двете селекции, но и фактот што катарската престолнина е седиште на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Доколку ова сценарио се потврди, „Лусаил“ повторно ќе биде домаќин на настан со светско внимание. Аргентинците, предводени од Лионел Меси, таму ќе ја бранат титулата од последната Финалисима, кога на 1 јуни 2022 година ја совладаа Италија на „Вембли“. За Шпанија, пак, ова би била прва можност да се закити со овој уникатен трофеј.
Историјата на Финалисима е кратка, досега турнирот е одржан само три пати. Првото издание во 1985 година го освои Франција со победа над Уругвај, второто во 1993 година ѝ припадна на Аргентина по драматична победа над Данска по пенали, а третото во 2022 повторно им припадна на „албиселесте“.