Финалето во Лига Европа може да се игра во соседството

Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) и официјално поднесе кандидатура новиот Национален стадион во Белград да биде домаќин на финалето на Лигата на Европа во 2028 година, потврди Европската фудбалска унија (УЕФА). Ова претставува амбициозен чекор на Србија во насока на зацврстување на својата позиција на европската фудбалска мапа и промоција на Белград како модерен спортски центар.

Покрај српската престолнина, за организација на финалето на најпрестижното европско натпреварување по Лигата на шампионите конкурираат и неколку силни кандидати. Франција настапува со два стадиона, „Паркот на принцовите“ во Париз и арената во Лион, Италија со модерниот стадион на Јувентус во Торино, а Романија со Националната арена во Букурешт.

Иако процесот на селекција е во почетна фаза, кандидатурата на Белград е значаен чекор напред. Номинациите во оваа етапа не се обврзувачки, но до 10 јуни 2026 година секоја земја мора да ја достави целосната техничка документација, вклучувајќи ги и сите безбедносни, инфраструктурни и организациски детали. Извршниот комитет на УЕФА ќе донесе конечна одлука за домаќинот на финалето во септември 2026 година.

Националниот стадион кој е во завршна фаза на изградба, е проектиран според највисоките стандарди на УЕФА и ФИФА. Стадионот треба да располага со капацитет од околу 52.000 седишта и да стане централна арена за натпреварите на репрезентацијата, како и потенцијален домаќин на големи меѓународни настани.

Доколку Белград не ја добие организацијата на финалето во 2028 година, Србија ќе остане во игра и за следната година – 2029, за кога исто така е поднесена кандидатура. Со ова, ФСС покажува јасна намера да ја претвори земјата во регионален лидер кога станува збор за спортска инфраструктура и организација на елитни натпреварувања.