Финалето на Купот се враќа во Скопје, Вардар и Работнички на врвот на вечната листа

По двете последни финалиња кои се одиграа во Струмица, в среда по 20-ти пат се игра на нашиот најголем стадион во Скопје. За првпат со новото име - „Тоше Проески“.

Досега имало десет финалиња на арената во Скопје, од кои едната екипа е скопска а другата доаѓа од друг град. Билансот е 7-3 за скопските, односно „домашните“ екипи. Никој досега нема три победи во финалето во серија. Шкендија имаше можност оваа година да биде првата, но испадна во четвртфиналето од Победа. По три финалиња во серија, тетовци нема да ги гледаме како финалисти.

Покрај Шкендија, по две титули во Купот во серија имаат Вардар и Работнички. Првото финале во самостојна Македонија се одигра во мај во 1993 година во Скопје, кога  Вардар со голот на Жанко Савов го победи Пелистер со 1-0 и го освои драгоцениот пехар.

Ова е 27-мо финале во нашата историја. Најуспешен е Вардар со пет трофеи, следува Работнички со четири, потоа Слога Југомагнат со три, Силекс, Тетекс, Шкендија и Пелистер имаат по два, додека Победа, Цементарница, Шкендија, Ренова, Башкими, Металург, Македонија ЃП освоија по еден трофеј.

Најмногу куп финалиња има Слога Југомагнат, осум пат чаирчани играле вакви мечеви, но само три пати се радувале. Следува Работнички со седум финалиња, во кои четири пати го освојувал пехарот, па Вардар со шест финални средби. За Македонија ЃП ќе биде трето, а за Академија Пандев пак прво големо финале. Најмногу гледачи имало на првото финале, тогаш во 1993 година кога играа Вардар и Пелистер на трибините имаше повеќе од 25.000 љубители на фудбалот.

Најнови вести од
Куп на Македонија, Македонија