ВИДЕО: Филкруг херој на Милан против аутсајдерот Лече

Фудбалерите на Милан стигнаа до минимална, но исклучително важна победа на „Сан Сиро“, откако во рамки на 21. коло од Серија А го совладаа тимот на Лече со 1-0. Клучниот момент на натпреварот го донесе искусниот Никлас Филкруг, кој влезе во игра во 73. минута, а само три минути подоцна се запиша во листата на стрелци и му донесе златни три бода на „росонерите“.

  • Милан - Лече 1-0:

Милан тешко го наоѓаше патот до противничкиот гол во првиот дел. Иницијативата беше на страната на домаќинот, но без вистинска конкретност и сериозни закани по голот на Лече, кој дисциплинирано се бранеше. Во второто полувреме избраниците на Масимилијано Алегри заиграа поофанзивно. Првата поголема опасност ја создаде Ричи со удар од работ на шеснаесетникот, но голманот Фалконе беше сигурен. Италијанскиот чувар на мрежата блесна и во 62. минута, кога со одлична интервенција го запре чистиот зицер на Кристијан Пулишиќ.

Одлучувачкиот потег Алегри го повлече во 73. минута со двојна измена – во игра влегоа Лофтус-Чик и Филкруг. Само неколку моменти подоцна, по одличен прием и прецизен центаршут на Салемакерс, Филкруг со удар со глава од непосредна близина ја затресе мрежата за 1-0. До крајот на средбата Милан се повлече, фокусирајќи се на одбраната на стекнатата предност, и успеа да ја сочува минималната разлика до последниот судиски свиреж.

Со оваа победа, Милан останува во чекор со лидерот Интер, кој има 49 бодови, додека „росонерите“ сега се наоѓаат на второто место со 46. Во следното коло Милан го очекува тешко гостување кај Рома, додека Лече ќе се соочи со уште еден сериозен предизвик против Лацио, во борбата за опстанок во елитата.

  • Торино - Рома 0-2:

Рома му се реваншира на Торино за елиминацијата од Купот и славеше во шампионатот во Пјемонте со 0-2  Головите за екипата на Гасперини ги постигнаа дебитантот Мален и Дибала.