• Саше Љолес
Филип Поповски е добро познато име во фудбалските кругови, и тоа не само во Македонија, туку и на многу страни од светот. Човекот кој осум години беше Генерален секретар на ФФМ, од неодамна доби и нови ангажмани во кариерата, за кои Gol.mk сметаше дека вреди да продискутираме.
Поповски цели тринаесет години беше организациски директор под капата на УЕФА, но од минатата година ја доби можноста да биде и УЕФА-делегат на мечеви од највисоко можно ниво.
Gol.mk поразговара со Поповски, кој штотоку се врати од неодамна завршеното Европско првенство во Германија, каде беше единствен Македонец со функција на УЕФА делегат, а воедно ја извршуваше оваа задача и на финалниот натпревар помеѓу Шпанија и Англија.
„Номинацијата за делегати ја прави Фудбалската федерација на Македонија. Ние имаме неколку места во УЕФА кои можеме да ги пополниме, а мојата номинација се случи лани, во моментот кога ги завршив обврските како организациски директор. Сето тоа се случи благодарение на челните лица во федерацијата, претседателот, управниот одбор и сите останати.
Ја добив можноста да бидам делегат и минатата година работев на четири натпревари во евро-квалификациите, Лигата на шампионите и во Конференциската лига, а во март годинава добив информација дека сум во потесниот избор на делегати за Европското првенство.
Искрено, не очекував дека толку бргу ќе успеам да стигнам до најголемиот континентален собир, но тука веројатно играше улога и моето огромно искуство како организациски директор, па затоа веројатно ја добив можноста да бидам делегат на Европското првенство. Во работењето како организациски директор, имав чест три сезони да бидам дел од тимот на легендарниот „Сан Сиро“ во Милано, каде работев на сите мечеви во Лигата на шампионите, вклучително и на големото „Дерби дела Мадонина“ помеѓу Интер и Милан“, вели Поповски.
Прашавме подетално за тоа какви се ангажманите на еден УЕФА-делегат, затоа што и јавноста веројатно не е запознаена во детали, иако веднаш звучи како сериозна и одговорна задача.
„Функцијата „делегат“ или „senior representative” е всушност човек кој работи со свој тим и се грижи за спортскиот и безбедносниот аспект, има ингеренции самиот да носи одлуки, секако во консултација со судиите и лицата од јавниот ред и мир, но и да поднесува извештаи за текот на мечот, евентуални несакани инциденти или постапки кои можат да бидат предмет на разгледување од дисциплинската комисија на УЕФА.
Со други зборови, делегатот е на највисоко можно ниво на стадионот и е важен сегмент во организацијата и непречениот тек на натпреварот. Кога го добив мејлот, најпрво не забележав дека сум делегиран и за финалниот натпревар, бев среќен што имав можност да бидам барем и во групната фаза. Потоа видов дека ќе работам и мечот меѓу Шпанија и Хрватска, па и тоа беше навистина сериозен и интересен предизвик. Делегатите не се бираат како судиите во текот на турнирот, тие ја добиваат својата задача уште пред почетокот.
Интересно е тоа што најголем дел од делегатите доаѓаат од земји што не учествуваат на Европското првенство, со цел поголема инклузивност, транспарентност и фер-плеј. Ако Македонија играше на овој турнир, јас ќе ја немав можноста да бидам делегат. Кулминацијата се случи во големото финале, нешто за кое се подготвував од почетокот на првенството“, рече Поповски.
Европското првенство е едно од најголемите спортски доживувања, па нѐ интересираше и гледиштето за интересот и квалитетот на турнирот, а Поповски вели дека организацијата на целиот настан била беспрекорна.
„Имаше огромен интерес за ова Европско првенство, стадионот каде што работев јас, „Олимпискиот стадион“ во Берлин, е со капацитет над 70.000 седишта и беше распродаден за сите мечеви. Како куриозитет, беше срушен рекордот во апликации за влезници, 52 милиони за само 1,8 милиони достапни билети. Сите натпревари на Европското првенство беа погледани од славниот американски „супер боул“. Се работи за над 130 милиони гледачи на секој меч“.
Тука не можевме, а да не прашаме за работата за време подготовката за финалниот натпревар и какво било чувството да се биде дел од толку важен спортски настан, на што добивме прилично исцрпен одговор:
„Мојот пристап кон сите мечеви е ист, нема разлика во задачите што морам да ги исполнам. Секако дека во финалето мора да имате поголем фокус и да не дозволите да играат никакви емоции, туку професионално да го завршите ангажманот. Имам свој тим, кој ми помага и со сите сум во постојана комуникација, хиерархиски сме одлично поставени и внимаваме да нема никакви замерки и поплаки од екипите, наоѓаме решение доколку се појави некој проблем, а во секое време можеме да се консултираме и со повисоките инстанци на УЕФА. Нема простор за импровизација, водиме одлично поставен систем.
Задачите се извршуваат најмногу на ден или два пред натпреварот, кога се одвиваат тренинзите. Тука се организираат сите логистички сегменти, се прават состаноци со голема група на луѓе (судии, помошници, локална полиција, противпожарна служба, офицери за безбедност), каде ги дискутираме сите најважни безбедносни моменти. Земаме предвид ризични навивачки групи, кореографии, факели и пиротехника, каде ќе бидат сместени ВИП-гостите, каде мора најмногу да се внимава и сите останати дополнителни елементи на организација.
Доколку има несакани инциденти, последната одлука е секогаш на локалните власти. Безбедносниот офицер врши проверка на лековите и медицинските материјали, рокот на траење, соодветна опрема во соблекувалните, покрај теренот и слично. Се потврдува технологијата што ќе се користи на мечот, а на овој турнир се користеше навистина скоро секоја достапна технологија (ВАР, GLT, чипот во самата топка) и останато.
Овие состаноци и координации најчесто ги врши главниот безбедносен офицер, а јас сум веднаш покрај него и ги следам сите мои задачи и ангажмани. Сето ова се случува еден ден пред натпреварот.
На самиот ден на мечот, започнуваме во 09:00 часот со проверка на стадионот и придружните простории, а потоа делегатот го води најважниот состанок пред аудиториум од 70 луѓе, на еден од официјалните јазици на УЕФА. Тука се присутни локалните власти, претставници на тимовите, се потврдува опремата со која екипите ќе настапат, таа е секогаш претходно авторизирана, се проверува дали има некакви промени. Во постојана комуникација сме и со судиите и со официјалните лица и тука ги решаваме најважните сегменти пред почетокот на мечот.
Уште еднаш се повторуваат безбедносните критериуми и проверка дали е нешто променето од претходниот ден, а потоа јас сум потполно на располагање на тимовите. Се подготвуваат извештаи за УЕФА, а исто така се подготвува и официјалниот документ во кој ги пишува сите саатници, термини и прописи за спроведување на агендата.
Тимовите не смеат да доцнат при напуштање на соблекувалната и мораат во точниот термин да се појават во тунелот. Делегатот за време на мечот седи на трибините и ја надгледува целокупната ситуација на стадионот.
Се следи однесувањето на навивачите, играчите, лицата од стручните штабови, употреба на пирохтехника, навредлива или ксенофобична кореографија, а потоа сето тоа се наведува во официјалниот извештај за натпреварот. Моите колеги ми испраќаат информации за одредени моменти кои јас не можам да ги забележам, а сметаат дека треба да бидат напишани во извештајот. За истакнување е дека на нашиот стадион ниту еднаш немавме втрчување на терен од навивачи, во текот на целото првенство.
После секој натпревар, седнуваме на краток состанок со мојот тим, каде го документираме тоа што мора да го испратиме до УЕФА, поткрепено со фотографии. Овој документ се испраќа најдоцна два часа по завршување на мечот, а комисијата на УЕФА го разгледува веќе следниот ден“, вели Поповски.
Што се однесува до финалето, тука процедурата е малку поинаква, затоа што има и завршна церемонија. Точно е дефинирано кој и кога ќе се симне на теренот, што ќе носат сите присутни лица, кој од која страна ќе пристапи, односно сите детали се подредени како под конец кој не смее да се скине. Во прво време гледаме играчите да не ги внесуваат семејствата на теренот, но потоа тоа е дозволено. Ова се моментите кога веќе полека завршува ангажманот на делегатот, па тука се трудиме да не играат улога емоциите“, искрен е Поповски.
Делегатите на УЕФА од пред неколку години имаат и свој надзор, односно луѓе кои даваат оценка за нивната работа, а тоа секако е многу важно за идните ангажмани на елитно ниво.
„Да, од пред неколку години има и таков надзор, кој дава евалуација за вашата работа, но тоа не е строга инстанца, туку повеќе советодавна и е составена од луѓето во тимот. Делегатите мора секогаш да внимаваат на однесувањето, да бидат соодветно облечени, да не им пречат на екипите и играчите во нивните секојдневни обврски... сето тоа се забележува и се оценува, но сепак, сите ние знаеме зошто сме дојдени и скоро никогаш немало сериозни поплаки за работата на делегатите.
Некогаш треба да бидете и медијатор, да решавате недоразбирања или конфликти меѓу екипите, затоа мора максимален фокус, без излив на никаква непотребна енергија и сталожено и трезвено размислување. Во извештаите може делегатот да биде и искрено самокритичен, тука нема ништо страшно, туку напротив, може само да придонесе за уште подобро работење“, дециден е Поповски.
Очигледно, Македонија има на што да се гордее кога се работи за претставување на државата на највисоко можно ниво, а нашиот УЕФА-делегат се надева дека неговата работа во иднина ќе отвори врата и за други наши сонародници кои би можеле да зачекорат по неговиот пат.
„Секако дека нашата работа ќе остане врежана како успешна во сите инстанци на УЕФА, се надевам дека сето тоа ќе придонесе за развој на уште кадри од Македонија, а тука сметам не само на делегати, туку и на судии, кондициски тренери и останати стручни лица“, заклучи Поповски.
Филип Поповски е вработен во Фудбалската федерација на Македонија од 2002 година, а функцијата Генерален секретар ја извршуваше од октомври 2014 до јули 2023 година.