Филип Најдовски по три сезони заминува од Тирана

Македонскиот интернационалец Филип Најдовски, кој три сезони блескаше во албанскиот прволигаш Тирана, следниот месец заминува од главниот град на нашиот западен сосед. Имено, поранешниот фудбалер на Вардар се наоѓа на истек на договорот и ќе побара нов предизвик во кариерата. 

31-годишниот Најдовски во 2020 година премина во Тирана од редовите на скопски Вардар и оттогаш запиша преку 100 настапи за албанскиот клуб, а неговите добри игри годинава не останаа незабележани од челните луѓе во албанскиот фудбал и си заработи место во идеалниот состав за изминатата година. 

Приоритет на Најдовски е нов интернационален ангажман, иако на негова адреса има понуди и и од македонските клубови.

Најдовски е стандарден првотимец во Тирана, а низ кариерата настапуваше за Цементарница 55, Напредок, Тетекс, Победа и Вардар.