• Мартин Танасковски

Македонскиот голман Филип Илиќ врти целосно нова страница во својата кариера, откако замина во пензија на 29 години и целосно ќе се посвети на тренерската работа.
Голманот кој ги мина сите младински селекции на Македонија од У16 до У21 година, последно бранеше за екипата на Скопје со која избори пласман во Првата македонска фудбалска лига. Сезонава принудно беше дел од еден меч, на останатите беше на клупата за резерви.
По крајот на актуелната сезона Илиќ реши да ѝ стави крај на играчката кариера и да се посвети во целост да биде тренер на голмани, откако со Скопје обезбеди влез во прволигашкото друштво. Македонецот поседува УЕФА А-голманска лиценца, а е дел и од стручниот штаб на У20-репрезентацијата на Македонија.
Илиќ, кој зад своето име има една шампионска титула, во играчката кариера покрај за Скопје бранеше и за Вардар, Работнички, Металург и ерменски Гандзасар. Со објавувањето на пензија, Илиќ тргнува по стапките на неговиот татко, поранешниот голман Саша Илиќ, кој долги години е успешен тренер на голмани.



