Филип Гачевски на Кипар го доби прекарот – Супермен!

Македонскиот голман Филип Гачевски брани одлично за кипарски Енозис, а добрата форма ја препознаваат тамошните медиуми, кои му дадоа прекар на некогашниот вардарец.

„Супермен“, е насловот на веста објавена за чуварот на мрежата, поради неговите одлични изданија. Гачевски досега фати два пенали на два меча, имаше и блескави одбрани во победите на Енозис, па заслужено го понесе овој епитет.

Енозис во кипарскиот шампионат беше непоразен четири кола, во кои имаше три победи и едно реми благодарение на одбраните на Гачевски, но со несреќниот пораз од фаворитот Омонија заврши убавата низа (0-1).

Филип Гачевски направи трансфер на Кипар во летниот преоден рок во 2020 година, откако по долги години реши да го напушти Вардар.