ФИФПРО со тужба до ФИФА поради новиот формат на Светското клупско првенство

Меѓународниот синдикат на фудбалери (ФИФПРО), поднесе тужба против светската фудбалска организација (ФИФА) поради проширувањето на форматот за Светското клупско првенство. 

Новиот формат предвидува учество на дури 32 екипи, а следното издание ќе се одржи во Соединетите Американски Држави следната година од 15 јуни до 13 јули. 

ФИФПРО ја поднесува тужбата заедно со Здружението на професионални англиски фудбалери и Синдикатот на француските фудбалери (УНФП), а причината е повеќе од јасна. Сите наведени организации сметаат дека играчите се изложуваат на дополнителен физички и ментален замор и велат дека на овој начин се кршат правата на фудбалерите кои треба да учествуваат на турнирот. 

Тужбата е доставена до судот во Брисел, кој треба да донесе конечна одлука или да го префрли случајот во Европскиот суд за правда.