ФИФА препорачува: Сите натпревари да се откажат, меѓу кои и Македонија - Косово

Голем број на светски спортски медиуми вечерва објавуваат дека Светската фудбалска федерација (ФИФА) издала препорака за откажување на сите меѓународни натпревари во март и април, а меѓу нив спаѓа и полуфиналето во Лигата на нациите меѓу Македонија против Косово.

Нашата фудбалска селекција е на чекор до историски пласман на едно Европско првенство, но најверојатно за таа шанса ќе треба да почека уште одреден период. ФИФА наводно бара суспендирање на сите натпревари, сè додека не се смири ситуацијата со ширењето на коронавирусот, заради кој во овој момент се блокирани скоро сите првенства на стариот континент.

Засега нема официјална потврда од ФИФА, а УЕФА за ова ќе одлучува во вторник, за кога ја закажа видео-конференција со сите нејзини членки. 

Инаку, дуелот меѓу Македонија и Косово треба да се одигра на 26 март во Скопје.