ФИФА прави преседан: Мундијалот од 2034 година, ќе се игра во 2035!?

Светското првенство во фудбал, кое Саудиска Арабија треба да го организира во 2034 година, би можело да донесе преседан во историјата на најголемиот фудбалски турнир. Според информациите што се појавија во медиумите, се разгледува можноста натпреварувањето да не се одржи кон крајот на 2034 година, туку во јануари и февруари 2035 година.

Главната причина за ваквото сценарио е календарот, односно поклопувањето со светиот муслимански месец Рамазан. Според актуелните проекции наведени во извештаите, Рамазан во 2034 година би требало да трае приближно од 12 ноември до 12 декември, период кој инаку би бил една од опциите за организација на Мундијалот. Со тоа би се искомплицирала можноста за повторување на моделот од Светското првенство во Катар во 2022 година, кога турнирот се одржа во ноември и декември. Од друга страна, традиционалниот летен термин, во јуни и јули, исто така претставува сериозен проблем за Саудиска Арабија.

Температурите во земјата во летните месеци можат да достигнат од 40 до 50 степени Целзиусови, што би ги направило натпреварите во тој период исклучително тешки за играчите и навивачите. Поради тоа, јануари и почетокот на февруари 2035 година се појавуваат како можна алтернатива, со која би се избегнале и најголемите горештини и периодот на Рамазан.

Доколку ФИФА навистина се одлучи за вакво решение, би се случила досега невидена ситуација во историјата на Светските првенства. Турнирот официјално би го носел името Мундијал 2034, иако натпреварите би се одиграле во 2035 година. Засега станува збор за можен план, а не за официјално потврден термин. Доколку ова сценарио се реализира, ФИФА ќе се соочи со нов организациски предизвик, кој би можел да влијае и врз клупскиот фудбал и меѓународниот натпреварувачки календар.