ФИФА подготвува промени за ВАР кои сериозно ќе влијаат на СП 2026

Челниците на ФИФА разгледуваат измена на правилата поврзани со ВАР со цел дополнително да се намалат судиските грешки на Светското првенство.

Според британските медиуми, идејата е ВАР судиите да добијат овластување да интервенираат и при погрешно досуден корнер или при ситуации поврзани со жолти картони, поточно за втор жолт и исклучување.

Се верува дека погрешно досудени корнери може сериозно да влијае на играта. Исто така, сегашните правила забрануваат менување на одлука преку ВАР при жолтите картони, па некогаш иако е престрого исклучен некој фудбалер, не може да се дејствува. Поради тоа ФИФА размислува за промени и веќе им даде насоки на ИФАБ да ги разгледаат потенцијалните промени.

Советодавниот панел, составен од поранешни играчи, тренери и судии, изразил загриженост дека проширувањето на ВАР би довело до уште подолги прекини и забавување на натпреварите. И покрај тоа што ВАР значително го намали бројот на крупни пропусти, судиски дилеми и понатаму се случуваат, што ја одржува актуелна дебатата за можните промени.