ФИФА отвори постапки против Аргентина и Бразил поради нередите на трибините

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) отвори дисциплински постапки против Аргентина и Бразил, по тепачката меѓу навивачите пред почетокот на натпреварот од квалификациите за Светското првенство.

Натпреварот се играше на „Маракана“ во Рио, а тепачката започна по интонирањето на националните химни. Екипите се вратија во соблекувалната и натпреварот започна со 27 минути доцнење.

Аргентинската фудбалска асоцијација беше обвинета за нереди на навивачите и одложување на почетокот на натпреварот во Рио де Жанеиро, во кој Аргентина победи со 0-1. Бразилската федерација е обвинета за грешки во организацијата на натпреварот, објави ФИФА.

Квалификациите продолжуваат во септември, а претходно Бразил и Аргентина би можеле повторно да се сретнат на Копа Америка што ќе се игра во Соединетите Американски Држави од 20 јуни до 14 јули 2024 година.