• Иван Димовски
Аргентина славеше во „крвавото“ дерби против Бразил (0-1) во рамките на квалификациите за следното Светско првенство. Хаосот на трибините и судирот на навивачите со полициските сили ги засени случувањата на теренот. Натпреварот беше и во прекин, откако Аргентинците се повлекоа од теренот, меѓутоа потоа истиот се доигра.
За оваа ситуација ФИФА и официјално отвори истрага за случувањата на „Маракана“ во Бразил. Ќе се истражува сè што полицајците правеа на трибините пред натпреварот со Аргентинците, односно судирот со навивачите. Безбедносните сили на Бразилците се обвинети дека користеле прекумерна сила, а тоа може да биде и драконско казнето.
По истрагата на ФИФА се очекува конечната одлука. Според сознанијата на бразилските медиуми, постојат две опции, а едната може да биде многу поболна. Имено, првата секако е парична санкција која ќе биде неминовна, како и казна со играње пред празни трибини.
Сепак, постои можност и за одземање на бодови од контото. Бразил и онака не котира најдобро, има само седум бода по шест кола и е на шестата позиција во квалификациската зона. Иако има уште доста да се игра, за „кариоките“ би бил голем удар ако им бидат одземени бодови.