„ФИФА не смее да го додели Мундијалот во 2034 година на Саудиска Арабија“

Неколку организации кои се занимаваат со владеење на правото и човековите права испратија допис до Светската фудбалска организација (ФИФА), во кој бараат сериозно да се преиспита одлуката за евентуална доделба на Светското првенство во 2034 година на Саудиска Арабија. 

Документот се состои од 22 страници и веќе е доставен до седиштето на ФИФА во Цирих, а потписници се тројца адвокати - Марк Пит, Штефан Веренберг и Родни Диксон. Тие ѝ нудат на ФИФА заедно да работат на акцискиот план за Мундијалот во 2034 година и бараат сериозно да се размисли околу доделбата на организацијата на Саудиска Арабија, земја за која сметаат дека сериозно ги нарушува човековите права секојдневно. 

Адвокатите предлагаат ФИФА да ја искористи својата моќна позиција и да ѝ сугерира на Саудиска Арабија да донесе неколку закони кои значително ќе ги подобрат човековите права, а дел од нив најмногу се однесуваат на дискриминација на жените, работниците и странските туристи кои мораат да ги почитуваат строгите правила во земјата. 

„Саудиска Арабија не ги исполнува сите овие услови за беспрекорна организација на Мундијалот. Сметаме дека оваа земја мора да ги усогласи своите закони преку полиберален пристап, а тоа може да се направи само со взаемна почит и сериозна дискусија. Со законите кои важат во моментов, мислиме дека ФИФА не смее ниту да помисли да ѝ ја даде организацијата на Саудиска Арабија“, се вели во документот. 

ФИФА треба да ја донесе конечната одлука најдоцна до 11 декември годинава, за кога е закажан самиот каде ќе гласаат сите 211 земји-членки на организацијата. Саудиска Арабија во моментов се истакнува како најсериозен кандидат за домаќин на Мундијалот во 2034 година.