ФИФА не се шегува: Партизан добива суспензија за трансфери до 2026 година!

Фудбалскиот клуб Партизан од Белград доби жестока казна од Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) и најверојатно ќе има забрана за трансфери и регистрација на нови играчи до 2026 година, јавуваат регионалните медиуми. 

Клубот од „Хумска“ добива забрана за трансфери во следните три преодни рокови, односно до почетокот на 2026 година, а тоа може да биде спречено само ако управата ги исплати долговите на неколку играчи кои го тужеа Партизан. 

Најголем дел од долгот е кон Јапонецот Такума Асано, но има и уште еден дел кој треба да им биде исплатен на уште четворица играчи. Судот за спортска арбитража во Лозана му наложи на клубот да исплати сума од 460.000 евра на сметката на Асано, а доколку тоа не го стори во предвидениот рок, суспензијата ќе стапи веднаш на сила и нема да може да се отповика. 

Од Партизан најавија дека работат на случајот и ќе се обидат да ја спречат казната, но тоа ќе зависи од повеќе фактори. Клубот неколку години има финансиски проблеми и се чини дека сега ситуацијата сериозно се влошува.