ФИФА ја пронајде замената за Индонезија за домаќинство на младинскиот Мундијал

Интернационалната фудбалска федерација (ФИФА) ѝ додели на Аргентина домаќинство на овогодинешното Светско првенство за играчи до 20 години, откако организацијата претходно ѝ беше одземена од Индонезија.

„ФИФА со задоволство може да објави дека овогодинешното издание на Светското првенство за играчи до 20 години ќе се одржи во Аргентина, бидејќи домот на светските шампиони ги отвора вратите за утрешните светски фудбалски ѕвезди“, се вели во соопштението.

Индонезија беше лишена од конкуренцијата поради дипломатски проблем, поврзан со настапот на Израел. ФИФА соопшти дека минатата недела била спроведена обиколка на објектите во Аргентина. Натпреварувањето е закажано од 20 мај до 11 јуни годинава, а вклучува шест групи со по четири репрезентации.

Од Светското првенство беше исфрлена Индонезија, која ќе биде заменета со Аргентина. Ждрепката ќе се одржи в петок во Цирих.