• Саше Љолес
Фудбалската федерација на Шпанија е казнета со 20.000 долари поради навредливи антиисламски скандирања од навивачите на пријателскиот натпревар против Египет во Барселона. Покрај паричната казна, ФИФА наложи и посебни мерки за трибините на следниот домашен пријателски натпревар на Шпанците.
Спорните скандирања се слушнале во 10. и 47. минута од дуелот одигран на 31 март, кој заврши без голови. Одлуката за санкцијата била потврдена и од жалбеното тело на ФИФА.
Реагираше и шпанскиот репрезентативец Ламин Јамал, кој е муслиман. Фудбалерот на Барселона го осуди однесувањето на дел од навивачите, оценувајќи дека користењето на религијата за провокации е неприфатливо и има расистичка заднина.
Покрај паричната казна, ФИФА одреди 15 проценти од капацитетот на стадионот на следниот домашен пријателски натпревар да бидат затворени или резервирани за посебни општествени групи, меѓу кои семејства, студенти и организации што се борат против дискриминацијата.
Дисциплинските органи на ФИФА нагласија дека станува збор за прв ваков прекршок на Фудбалската федерација на Шпанија. Притоа, ги пофалија шпанските власти за брзата осуда на инцидентот, соработката со надлежните органи и напорите за идентификување на одговорните навивачи.
Следниот домашен пријателски натпревар на Шпанија, на кој ќе важат овие мерки, се очекува во јуни 2027 или во март 2028 година.






