• Саше Љолес
Нов проблем за Светската фудбалска куќа. Случајот со репрезентацијата на ДР Конго отвори нови сериозни прашања за начинот на кој ФИФА ги применува сопствените правила. Според информациите од истрагата, голманот Лионел Мпаси настапувал во квалификациите за Светското првенство без да има завршена процедура за промена на спортското државјанство.
ДР Конго преку победата над Нигерија стигна до интерконтиненталниот бараж, а потоа ја совлада и Јамајка и обезбеди пласман на Светското првенство, првпат по 52 години.
Токму натпреварот против Нигерија сега е во центарот на вниманието. Мпаси, кој е роден во Франција и претходно настапувал за младинските селекции на оваа земја, во 2021 година започнал процедура за промена на спортското државјанство со цел да игра за ДР Конго.
Проблемот е што, според документите до кои дошле истражувачите, таа процедура никогаш не била целосно завршена. ФИФА подоцна во сопствената проверка утврдила дека Мпаси немал потребно одобрение за настап во квалификациите. Нигерија се жалела за Мпаси и за уште неколку фудбалери, но ФИФА ја одбила жалбата поради технички причини. Светската фудбалска федерација не ги поништи резултатите и не му изрече санкција на ДР Конго.
ДР Конго продолжи во баражот, каде што ја совлада Јамајка и го обезбеди местото на Мундијалот. Репрезентацијата потоа стигна и до нокаут-фазата, каде што беше елиминирана од Англија.
Случајот дополнително добива тежина ако се земе предвид дека ФИФА во минатото знаела да казнува репрезентации за настап на играчи без право на настап. Најпознат е примерот со Боливија, која во квалификациите за Светското првенство во 2018 година загуби бодови поради користење на нерегистриран фудбалер.
Од ФИФА порачале дека нејзините комисии се независни и дека одлуките ги носат врз основа на важечките прописи и конкретните факти во секој случај.
Сепак, одлуката повторно го отвора прашањето дали истите правила навистина се применуваат еднакво за сите. За Нигерија, последиците се особено тешки, бидејќи репрезентацијата остана без шанса да се бори за настап на Светското првенство, додека ДР Конго продолжи до најголемата фудбалска сцена.
