• Иван Димовски
Дисциплинската комисија на ФИФА му изрече висока парична казна на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора. Казната доаѓа поради инцидентите предизвикани од навивачите на квалификацискиот натпревар против Хрватска за Мундијалот кој се одигра на 17 ноември во Подгорица и заврши со пораз на црногорската селекција од 2-3.
Фудбалскиот сојуз на Црна Гора е казнет со вкупно 46.500 швајцарски франци од кои 20.000 се за дискриминирачко однесување на навивачите. Оваа казна ФИФА ја назначи како условна и нема да биде активирана доколку во следните шест месеци сојузот биде дел од проект чија цел е борба против дискриминацијата.
Дополнително Дисциплинската комисија на ФИФА изрече и казна од 1.500 франци поради фрлање предмети на теренот и повисока од 25.000 франци поради користење пиротехнички средства. Однесувањето на навивачите донесе до висок вкупен износ на санкции со кој значително се оптоварува касата на црногорскиот фудбалски сојуз.

