ФИФА го прифати барањето: Мундијалот во Катар ќе започне ден порано од предвиденото

Сп 2022

По барање на домаќинот Катар, Светското првенство ќе започне ден порано од предвиденото. Меѓународната фудбалска федерација на крај го прифати овој предлог, па домашната репрезентација ќе игра на првиот натпревар од турнирот.

Предвидено беше шампионатот да започне на 21 ноември. Тоа нема да биде случајот, по последната одлука на ФИФА, па Катар и Еквадор ќе истрчаат на теренот во неделата (20 ноември).

„На одлуката и претходеше анализа на спортските и оперативните импликации, како и опсежни консултации и договор со клучните чинители и земјата домаќин“, се вели во соопштението на ФИФА.

Мундијалот кој ќе се одржи оваа зима е контроверзен поради различни причини. Земјата домаќин е силно критикувана за кршење на човековите права и третманот кон странските работници.

Титулата од пред четири години ќе ја брани репрезентацијата на Франција.