ФИФА го одреди датумот на ждрепката за плеј-оф турнирите на патот кон СП

ФИФА го одреди датумот кога ќе се одржи ждрепката за плеј-оф дуелите на патот кон Светското првенство во Катар следната зима. 

Во седиштето на ФИФА во Цирих, во петок на 26 ноември во 17:00 часот ќе бидат одредени дванаесетте пара за баражот. До тогаш, останува да се одредат патниците на Мундијалот преку двете последни кола во квалификациите. Засега пласирани се само Данска и Германија, остануваат уште осум места за директен пласман, а три останати ќе се добијат преку плеј-офот. 

Македонија е во битка за место во баражот, но ќе ѝ требаат добри резултати против Исланд дома и Ерменија на гости. Покрај тоа, треба да чекаат услуга и кикс на Романија која во моментов се наоѓа на второто место во групата и сама одлучува за себе. 

Плеј-офот за пласман на Мундијалот преку Европа ќе се состои од три турнири со по четири екипи. Десет тима ќе дојдат од квалификациите, а два од Лигата на нации. Турнирите ќе се играат на принцип полуфинале и финале, па трите победници ќе патуваат за Катар.