ФИФА ги промени правилата, еден натпревар за последните две места на СП

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) соопшти дека натпреварите од меѓународниот бараж во квалификациите за СП ќе се играат во изменет формат - наместо два, на програмата ќе биде само еден натпревар, а тој ќе се игра на неутрален терен.

Одлуката се однесува на бараж натпреварите во кои за две места ќе се борат селекции од Азија, Јужна Америка, Океанија и Северна Америка. 

До крајот на март треба да бидат познати три селекции учесници во овој бараж, додека во азиската зона регионалниот плеј-оф ќе започне само еден ден пред почетокот на меѓународниот бараж, а потоа ќе биде познат и последниот од четирите учесници за кои се однесува оваа промена.

Овој систем беше воведен во квалификациите за СП 1986 година, а на репрезентациите вообичаено им носеше исклучително долги и напорни патувања за да одиграат два натпревари.

Сè уште не е објавено кој ќе биде домаќин на овие два натпревари кои ќе се играат на 13 и 14 јуни. Ждрепката за меѓународниот бараж за овие четири зони ќе се одржи на 26 ноември, кога ќе се дознае и противникот на Македонија во полуфиналето од европскиот бараж.