• Горан Упале
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја потврди веста дека утре нема да има прволигашки фудбал, но причината не е поради лошите временски услови и обилните врнежи на дожд и снег.
Комисијата за натпревари смета дека во овој период не е безбедно да се игра прволигашки фудбал, поради неодамнешните случувања во Скопје, Тетово и Куманово, во кои беше запалено македонското знаме.
„Комисијата за натпревари во рамки на Фудбалската федерација на Македонија донесе одлука за одложување на натпреварите од 17. коло во ПМФЛ кои според програмата за натпревари требаше да се одиграат на први декември со почеток во 13:00 часот.
Одлуката е донесена согласно препораките на Министерството за Внатрешни работи поради неодамнешните случувања и настани и спречување на било каков вид на насилство и недолично однесување на спортските натпревари“, велат од ФФМ.
Комисијата за натпревари ги презакажа одложените натпревари од 17. коло во ПМФЛ за трети декември (вторник) со почеток во 13:00 часот.