ФФМ во интерес на младинскиот фудбал: Второлигашите мора да започнат и завршат со три младинци!

Ви интерес на развојот на младинскиот фудбал, пониските категории ќе бидат преполни со млади фудбалери. Со измените во пропозициите за сезона 2025/26 фудбалерите под 21 година добиваат повеќе простор за игра во Втората македонска фудбалска лига.

Сите второлигаши се принудени натпреварот да го започнат и завршат со три домашни фудбалери под 21 година. Право на настап како фудбалери до 21 година според пропозициите за натпреварување во ВМФЛ имаат сите фудбалери родени на 1 јануари 2004 година и подоцна. 

Клубот нема обврска натпреварот да го заврши со пропишаниот број на фудбалери кои немаат навршено 21 година, доколку се искористени сите можности за замена или доколку фудбалер под 21 година е исклучен.

Доколку некој од фудбалерите под 21 година е повреден, треба да биде заменет со фудбалер до 21 година. Во случај и тој фудбалер да се повреди, клубот нема обврска натпреварот да го заврши со фудбалер кој нема навршено 21 година.

Во временски период од 48 часа, фудбалерите имаат право да настапат на најмногу три полувремиња за различни возрасни екипи, од кои најмногу две полувремиња за период од 24 часа.