• Саше Љолес
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ и неколку негови соработници денес беа во посета на Битола и стадионот „Петар Милошевски“, каде извршија увид на состојбата на објектот.
Целта е да се исполнат условите на УЕФА за одигрување на квалификацискиот натпревар помеѓу У21 репрезентациите на Македонија и Италија, па затоа се работи на добивање лиценца од комисиите на Европската фудбалска куќа. Натпреварот треба да се одигра на деветти септември.
По увидот на терен, претседателот на ФФМ ја посети Општина Битола, каде разговараше со градоначалникот Тони Коњановски за успесите во спортот на битолските екипи, остварувањата во училишниот спорт и условите за развој спортовите во кои општината постојано инвестира.
Градоначалникот посочи дека на последниот јавен повик од страна на Владата, општината аплицираше за изградба на три спортски училишни сали и девет спортски игралишта во училиштата.
Во знак на добрата соработка, Омерагиќ му подари на градоначалникот Коњановски репрезентативен фудбалски дрес со негово име, коj го носи бројот 9.



