ФФМ со реакција: Мечот на Македонија У21 го одбележа катастрофалното судење!

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година претрпе пораз од Белорусија на пријателскиот натпревар одигран во Анталија од 3-1. На овој меч деби на клупата имаше селекторот Горан Станиќ, а и дел од играчите по смената на генерации.

Македонските фудбалери загубија, а Фудбалската федерација на Македонија по овој неуспех укажа на катастрофална арбитража од турските судии. Освен што самото судење било лошо, од ФФМ посочија и конкретна ситуација во која еден фудбалер бил заменет, а потоа вратен во игра подоцна во натпреварот.

„Натпреварот го одбележа катастрофалното судење од страна на турските арбитри. Имено, на полувреме, фудбалерот на Белорусија, Кирил Цепенков беше изваден од игра, но во продолжението влезе повторно во игра на место на друг фудбалер кој го напушти теренот поради повреда. Судиите беа запознаени со ситуацијата и грешката што ја направи белорускиот тим, но не реагираа, дозволувајќи му на Кирил Цепенков да го доигра натпреварот”, напишаа од ФФМ.

Натпреварите на овие тренинг кампови во Анталија обично ги судат домашни судии од Турција, па таков беше случајот и на оваа средба.