• Иван Димовски

Фудбалската федерација на Македонија го критикуваше изборот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), да не се додели награда за најголемата победа во историјата на мак-фудбалот. Имено, во март Македонија направи огромен подвиг, исфрлајќи го европскиот првак Италија во полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство со голот на Александар Трајковски во 92. минута.
АМС не додели признание ниту награда за овој резултат кој беше историски во фудбалот, па предизвика реакција од ФФМ.
„Во последните неколку години мислевме дека видовме сѐ од Агенцијата за млади и спорт, но секогаш успеваат да направат повторно да се “фатиме за глава”.
Од сите доделени награди, додаваме и една што не беше доделена:
Македонската фудбалска репрезентација во 2022 година ја оствари најголемата победа во својата историја.
Европскиот првак, Италија падна во Палермо“, напишаа од ФФМ со видео од голот на Трајковски.
Агенцијата за млади и спорт и ФФМ не се во сјајни односи, а тоа се покажува и низ годините наназад. Сепак, по пласманот на Европското првенство, ова е најголемиот резултат на фудбалска Македонија во историјата, бидејќи падна еден великан и репрезентацијата дојде на чекор до прв мундијалски настап.