ФФМ: Судиски грешки доведоа до значителна неправда, работиме на воведување на ВАР!

Фудбалската федерација на Македонија се огласи по повод неодамнешните случување на терените низ државата и многубројните судиски грешки кои доведоа до голем револт кај дел од прволигашите. 

ФФМ признава дека е крајно време да се воведе ВАР-технологијата во Првата македонска фудбалска лига и најави дека нивните вработени активно се посветени на имплементирање на технологијата во блиска иднина. Го пренесуваме соопштението во целост. 

„Вчерашниот натпревар помеѓу Струга и Воска Спорт јасно илустрираше колку е критично отсуството на технологијата за видео асистент (ВАР) во нашиот фудбал. Сериозните судиски грешки доведоа до значителна неправда за тимовите во МФЛ и не само што предизвика разочарување и гнев, туку и ја потенцираа потребата за брзи дејствија во насока на подобрување на судењето и спроведување на праведноста.

Во текот на сезоната се соочивме со судиски грешки кои директно влијаеа на интегритетот на фудбалската игра. Последните судиски грешки, но и грешките во изминатите кола од ПМФЛ, нѐ принудуваат да се движиме побрзо кон подобрување и праведност во македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) е цврсто решена да не дозволи неправда во фудбалот, без разлика на цената.

Имајќи го сето ова предвид, ФФМ активно работи на воведување на технологијата за видео асистент судија (ВАР) во нашите лиги. Свесни сме за предизвиците кои ги носи овој процес, особено во наоѓањето на соодветна продукциска куќа за емитување на натпреварите, што беше и клучен проблем и покрај нашата решеност веќе оваа сезона да има достапна ВАР технологија. Тоа не се оствари, бидејќи овој чекор е критичен за ефективното воведување и функционирање на ВАР-технологијата.

Нашата цел е да овозможиме оваа технологија што е можно побрзо да биде достапна, иако се соочуваме со комплексни логистички и технички барања за имплементација на истата и на кои интензивно работиме да ги надминеме. Фудбалот не е само игра, туку симбол на спортска правда и рамноправност. Во срцето на секој натпревар е желбата за фер-плеј, каде секој тим има еднакви шанси за успех“, стои во долгото соопштение од ФФМ. 

На крајот од соопштението, Фудбалската федерација на Македонија објави и дека континуирано работи на дополнителна обука и инвестира во професионалниот развој на сите судии кои редовно добиваат можност за учество на разни семинари и конференции, со една главна цел, а таа е подобрување на нивните вештини и правично и фер судење.