ФФМ предложи три сценарија за крај на ПМФЛ, на ред е мислењето на прволигашите

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) попладнево го одржа вториот состанок со претставниците на клубовите од Првата македонска фудбалска лига (ПФМЛ), на кој им ги презентираше три можни сценарија за завршување на натпреварувачката сезона 2019/2020. 

Клубовите ќе треба да се изјаснат за едно од трите понудени сценарија, а одлуката за првенството од ПМФЛ ќе ја донесе Фудбалската федерација на Македонија.

Во продолжение погледнете ги трите можни сценарија за завршување на натпреварувачката сезона 2019/2020 во ПМФЛ предложени од натпреварувачката комисија на ФФМ:

  • Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последнопласираните четири екипи по завршување на третиот круг) СО ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по завршувањето од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања;
  • Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по завршувањето од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последнопласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по завршувањето од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања;
  • Прекин на првенството и Купот на Македонија;

На денешниот состанок присуствуваше и епидемиологот д-р Жарко Караџоски, кој потврди дека институтот за јавно здравје се обврза да обезбеди 400 тестови за ковид-19, кои би ги опфатиле сите фудбалери и стручни штабови на десетте клубови, како и за официјалните лица за натпреварите од ПМФЛ.