ФФМ: ПОБЕДУВАМЕ како никогаш досега, годината да ја завршиме победнички!

Македонскиот фудбал ги бележи најдобрите резултати во својата репрезентативна историја и дефинитивно секој Македонец е горд на настапите на А-селекцијата како и на младинските категории. 

Оваа година за првпат една македонска селекција учествуваше на едно Европско првенство, откако пулените на Благоја Милевски ги покорија големите фаворити Франција, Исланд и Шкотска во квалификациите и беа дел од европскиот собир во Полска

Успеси бележи и нашата најдобра селекција, предводена од Игор Ангеловски. А репрезентацијата на Македонија годинава има само еден пораз, од поранешниот светски и европски првак Шпанија. Репрезентацијата предводена од капитенот Пандев и фантастичните Несторовски, Алиоски, Варди... во Торино против Италија го запиша еден од најдобрите резултати во својата историја, славеше на гости против Израел, победивме против Лихтенштајн, против Белорусија, а одигравме нерешено со Албанија и Турција. Сега пред репрезентативците е нов предизвик, односно утре ќе го одиграат последниот овогодишен меч против Норвешка, кој е од пријателски карактер. 

Македонија до 19 години е на чекор од Елитна УЕФА фаза за пласман на Европско првенство. Со големиот триумф против Швајцарија, нашата „златна генерација“ е многу близу до остварување на зацртаната цел и влез меѓу најдобрите младински тимови во Европа. Селекцијата создавана во изминатите четири години, предводена од Елиф Елмас, со Јани Атанасов, Дарко Чурлинов, Димитар Митровски, Кристијан Трапановски, Бојан Миовски, Трајановски, Тодоров, Феруковски и останатите „уметници“ на Вујадин Станојковиќ ветува нови големи резултати и блескава иднина не само во младинските селекции, туку и повеќе од здрава конкуренција за најдобриот македонски состав. Утре момците на Станојковиќ ќе се соочат со Белгија во рамки од второто коло на претквалификациите, додека на 14 овој месец ќе го одиграат последниот меч против Лихтенштајн.

Што се однесува до селекцијата на Македонија до 17 години, таа веќе обезбеди пласман во Елитната фаза за пласман на Европско првенство. По повеќе од една деценија влеговме меѓу најдобрите, а младите фудбалери и во квалификациите за ЕП жестоко ќе гризат да се докажат и пред Станиќ и пред Милевски, тренерите и пред навивачите. Сѐ што бараа е - шанса и услови. Вистинско уживање е да се види квалификациски турнир кој го одбележуваат играчи што се викаат Андов, Трпчевски, Секулов, Тасевски, Тошевски...деца од домашните инкубатори, нови ѕвезди на македонскиот фудбал.

Па, затоа Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) посакува победнички да се заврши најуспешната фудбалска година на нашата нација и ја бара поддршката од сите искрени вљубеници на овој спорт.