ФФМ: Одлуката за ПМФЛ не е безусловна, ситуацијата се следи

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) по состаноци со клубовите донесе одлука дека првенството во ПМФЛ ќе продолжи, арно ама последните случувања и позитивните фудбалски работници од два клуба ги променија размислувањата.

Ако пред извесен период бевме сигурни дека ПМФЛ се враќа, сега, ситуацијата е поинаква и поради позитивните случаи во Ренова и Шкендија, можно е најквалитетното македонско фудбалско првенство да доживее прекин. ФФМ ја прати ситауцијата, а за претходната одлука вели дека таа не е безусловна и дека доколку ситуацијата не се подобри, фудбалот може да биде прекинат во целост.

„При носењето на одлуката за продолжување на натпреварите од ПМФЛ, Фудбалската федерација на Македонија ги имаше предвид размислувањата и предлозите на сите клубови од ПМФЛ, но клучно при носењето на одлуката беше ставот на координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус CoVid-19 и клубовите од ПМФЛ чии претставници беа на состанокот во „Куќа на фудбалот“ и прифаќајќи го здравствениот фудбалски протокол недвосмилено дадоа „зелено светло“ тимовите да започнат со подготовка за враќање на натпреварите. Се разбира, постојано следејќи ја моменталната здравствена ситуација во државата, за ФФМ одлуката за продолжување на првенството во ПМФЛ не значи дека е безусловна. Во зависност од протоколот на државата, мерките и упатствата од здравствените институции, многу веројатно е дека промени во однос на таа одлука се можни. Соочени со пандемијата и досега потврдивме дека една работа на сите нас ни е посебно јасна: Здравјето е на прво место“, стои во објавата на ФФМ.

Засега прекинати се натпреварувањата во ВМФЛ, Третите лиги, младинските и женските шампионати. Најавено беше дека Пелистер и Беласица како лидери во ВМФЛ - Исток и Запад влегуваат во елитата која ќе се прошири на 12 клуба, а останатите клубови од ПМФЛ ќе ја доиграат сезоната по нов систем, со „плеј-оф“ и „плеј-аут“ без испаѓање.