• Саше Љолес

Фудбалската федерација на Македонија се огласи со соопштение по повод организацијата, продажбата и распределбата на билети за натпреварот помеѓу Вардар и Детонит Плачковица, кој ќе даде одговор на прашањето дали најтрофејниот клуб ќе остане во Првата фудбалска лига.
Од федерацијата велат дека предлогот за одигрување на натпреварот во Струмица бил прифатен од двете екипи, а воедно било усогласено дека тимовите ќе добијат по 50 бесплатни влезници.
„Фудбалската федерација на Македонија, како организатор на бараж натпреварот помеѓу Вардар и Детонит Плачковица за пополнување на последното место во ПМФЛ, испраќа информација во врска со организацијата, продажбата и распределбата на билети за натпреварот закажан за 26 мај на стадионот „Благој Истатов" во Струмица.
На состанокот во „Куќата на фудбалот" беше прифатен предлогот на ФК Вардар, Струмица и стадионот „Благој Истатов" да биде домаќин на натпреварот.
ФФМ даде предлог и истиот беше прифатен од претставниците на клубовите (Влатко Колев од ФК Вардар и Игор Чапев од ФК Детонит Плачковица), двата клубови да добијат по 50 гратис билети за натпреварот. Клубовите беа согласни со одлуката билетите да бидат пуштени во продажба по цена од 150 денари преку продажната мрежа на MK Tickets.
На состанокот исто така беше прифатен предлогот за јужната трибина на стадионот „Благој Истатов" целосно да се стави на располагање на навивачите на ФК Вардар, а доколку е потребно, да се обезбедат услови за отворање и на трибина зад головите.
Фудбалската федерација на Македонија е организатор на натпреварот и има еднаков однос и третман кон сите клубови-учесници во натпреварувањето. Нашата, а веруваме и целта на сите клубови е преку фер и спортска игра да ги достигнеме целите за кои се бориме“, стои во соопштението.
Целосното соопштение на фудбалската федерација на Македонија можете да го прочитате на ОВОЈ линк.