• Саше Љолес
Македонија стана една од првите петнаесет членки на УЕФА кои го имплементираа новиот УЕФА Фитнес А курс, наменет за високо едуцирани кондициски тренери. Првата генерација броеше вкупно 21 учесник, а најголем дел од нив имаат веќе стекнати УЕФА лиценци (C, B, A или Pro).
Во текот на период од 15 дена, курсот се одвиваше во три едукативни блока со вкупно 140 часа предавања и 191 час интерактивна настава, поддржани од 33 домашни и странски едукатори.
Сето тоа беше под супервизија на УЕФА експертите Лука Милановиќ, Хелсен Вернер, Карло Кастања и Крис Барнс.
„Особено значајно на оваа диплома - курс е што УЕФА бара учесниците да имаат високо образование во областа на спортот и физичкото образование за да бидат дел од него, што го позиционира курсот на високо професионално ниво.
УЕФА уште пред десет години започна со планирање на едукацијата за фитнес фудбалски тренери и тој процес траеше долго и беше многу темелен.
Сега сме во фаза кога навистина ги едуцираме кондициските тренери и оваа едукација е многу важна, бидејќи во иднина лиценцата ќе биде задолжителна за учество на кондициските тренери во натпреварувањата на УЕФА“, истакна Владимир Вуксановиќ, кондициски тренер во македонската сениорска репрезентација.
Преку оваа програма, Едукативниот центар при ФФМ постави нови стандарди за стручно усовршување во кондициската подготовка, со целосен фокус на практична примена и развој на македонскиот фудбал.