• Иван Димовски

Фудбалската федерација на Македонија се огласи по повод срамното славје на играчите на Вардар по обезбедената титула во ПМФЛ. „Црвено-црните“ пееја песна со навредлива содржина, а реакции доаѓаат од сите страни. Се огласи и Министерот за спорт, Борко Ристовски, па сега пристигна и осуда од страна на ФФМ.
<<< - ПОВРЗАНО - Вардарци недолично славеа титула: Се огласи и Министерството за спорт! (ВИДЕО)
Освен осудата, од Фудбалската федерација на Македонија соопштија дека Дисциплински испектор ќе отвори постапка против Вардар.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изразува осуда за навредливото и недолично однесување на ФК Вардар при прославата на победата и обезбедувањето на титулата шампион на Македонија. ФФМ отсекогаш апелирала и повикувала на достоинствен начин на однесување при победите и на понизност при поразите.
Особено е неприфатлива потребата да се повикуваат навредливи содржини и да се пее вулгарни и навредливи текстови при прославувањето на победата. Ваквото однесување е недолично без разлика кон кого е насочено, без разлика дали станува збор за јавни личности, за навивачи на другиот тим, за фудбалери или за кој било друг. Ривалитетот меѓу екипите е посакуван и здрав само кога е достоинствен и исполнет со меѓусебна почит, а секаква форма на говор на омраза, навреди и неспортско однесување нема место во фудбалот.
ФФМ, како и во претходните ситуации кога беа казнувани екипите на ФК Тиквеш, ФК Осогово, ФК Вардар и други, ќе постапува согласно своите пропозиции и дисциплинските правилници. По овој повод, Дисциплинскиот инспектор при ФФМ веднаш ќе отвори постапка против клубот во врска со последните случувања.
Фудбалската федерација на Македонија останува посветена на промоција на фер-плејот и нема да дозволи ничие однесување да го наруши интегритетот на натпреварувањата“, напишаа од ФФМ.
Што се однесува до спортскиот дел, Вардар има шест бода повеќе од Шкендија на еден меч пред крајот на сезоната. Токму во последното коло ќе се судрат главните ривали кои ја водеа трката за титулата, а вардарци најавија и големо славје во текот на следниот викенд.

