ФФМ го осуди и побара казна од УЕФА за националистичкиот испад на Арнаутовиќ!

Македонија вчера загуби на првиот натпревар на Европското првенство од Австрија (3-1), а веќе мислите се насочени кон второто коло и мечот со Украина. 

На средбата со Австријците тензијата не беше на високо ниво, но во самата завршница при третиот гол, Марко Арнаутовиќ директно го провоцираше Езџан Алиоски. Иако е непознато што точно кажа напаѓачот, овој потег се смета за националистички испад, посебно по денешното извинување на напаѓачот.

Сега, по многуте осуди од јавноста, во одбрана на Алиоски застана и Фудбалската федерација на Македонија. Освен осудата, од нашето фудбалско тело нагласија дека веќе е испратен допис до УЕФА и е побарана казна за оваа случка. 

„Фудбалската федерација на Мaкeдонија најостро го осудува националистичкиот испад на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ, по постигнатиот гол на вчерашниот натпревар со Македонија упатени кон македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски. Истовремено ве информираме дека поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ.

Како „Куќа на фудбалот” секогаш сме против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме.

Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат“, напишаа од Фудбалската федерација на Македонија. 

Арнаутовиќ денес се извини јавно за гестот, но доколку УЕФА утврди дека навистина имало националистички навреди, може да следи жестока санкција.