ФФМ ги суспендира Торес и Мелиќи за тепачката по дербито Вардар - Шкендија!

Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија ги изрече санкциите по инцидентите кои се случија по завршувањето на дерби натпреварот помеѓу Вардар и Шкендија, кој се играше во рамки на второто коло од ПМФЛ

Покрај натпреварот меѓу Вардар и Шкендија, казни беа изречени и за еден фудбалер на Струга Трим Лум, како и за штипска Брегалница. 

Торес Хоакин Едуардо, фудбалер на Вардар, се казнува со забрана за настап на пет натпревари, поради добиен црвен картон на натпреварот против Шкендија. 

Анес Мељичи, фудбалер на Шкендија, се казнува со забрана за настап на три натпревари, поради добиен втор жолт, односно црвен картон, на натпреварот од второто коло во ПМФЛ, помеѓу екипите на Вардар и Шкендија.

Рама Ландрит, фудбалер на Струга Трим Лум, се казнува со забрана за настап на еден натпревар, поради добиен втор жолт, односно црвен картон, на натпреварот од второто коло во ПМФЛ, помеѓу екипите на Скопје и Струга Трим Лум.

Вардар се казнува со парична казна во висина од 1.000 евра, поради користење пиротехнички средства од страна на навивачката група „Комити“ на натпреварот помеѓу екипите на Вардар и Шкендија.

Брегалница се казнува со парична казна во висина од 600 евра, поради користење пиротехнички средства од страна на нивната навивачка група на натпреварот од првото коло во ПМФЛ, помеѓу екипите на Вардар и Брегалница 2008.