Фестивал во Бремен: Вердер и Ајнтрахт понудија шест гола (ВИДЕО)

Екипите на Вердер Бремен и Ајнтрахт Франкфурт со спектакл со шест гола (3-3) го отворија новото коло во германската Бундеслига. По тешкиот пораз од Штутгарт во средината на декември, фудбалерите на Вердер се вратија пред домашната публика со јасна намера да ја прекинат серијата слаби резултати. Противник беше Ајнтрахт, тим кој немаше победа на гостински терен уште од крајот на ноември и дуелот ветуваше неизвесност.

  • Извештај од натпреварот:

Сепак, натпреварот започна со шок за домаќините. Ајнтрахт поведе уште во првата минута, кога Арно Калимуендо одлично реагираше по асистенцијата на Натаниел Браун и прецизно го совлада голманот на Вердер. Гостинската предност траеше до 29. минута, кога Џастин Нџинма умешно ја избегна офсајд-стапицата и со самоуверен удар донесе израмнување.

Со резултат 1-1 се замина на пауза, но Ајнтрахт повторно излезе поагресивно и по 12 минути игра во второто полувреме повторно поведе. Овојпат стрелец беше Надем Колинс, кој најдобро се снајде во воздушниот дуел и ја искористи „ничјата топка“ во шеснаесетникот. Во обид да ја смени динамиката, тренерот на Вердер околу 70. минута во игра го внесе Јован Милошевиќ, потег што се покажа како клучен. Домаќините израмнија во 79. минута преку Јенс Стаге, кој беше највисок во скокот по центаршутот на Ембангула.

На крилјата на таа енергија, Вердер стигна и до целосен пресврт. Само три минути подоцна, Романо Шмит мајсторски му ја сервираше топката на Милошевиќ, а младиот напаѓач без многу размислување ја смести во мрежата. За поранешниот играч на Партизан, тоа беше идеално деби и потврда на формата што ја прикажуваше и есента во својот претходен клуб.

Сѐ одеше кон големо славје на домашните навивачи, но во петтата минута од судиското надополнување Ајнтрахт успеа да се спаси од пораз. Кнауф погоди за 3-3 и му ја одзеде победата на Вердер