Фешта на „Чаир“, еврогол на Алварез: Шкупи се одбрани од Шкендија! (ВИДЕО)

Големото дерби во македонскиот фудбал заврши без победник! Шкупи беше на прагот на пораз, прв на домашен терен, но успеа да се спаси во финишот (1-1) во пресметката против актуелниот првак Шкендија.

Чаирчани како есенски шампиони го дочекаа тетовскиот ривал, а во еден натпревар кој се одигра во пеколна атмосфера и пред повеќе од 6.000 гледачи следеше поделба на пленот. Егзекутор на гостите беше Фреди Алварез, кој од слободен удар на феноменален начин ја задржа серијата без пораз на Шкупи на домашен терен.

Дуелот почна со зрела шанса за Шкупи кој правеше притисок од првата минута. Се играше 15-тата минута од натпреварот, кога Кире Маркоски излезе во зицер-позиција, арно ама голманот Захов феноменално ја сочува својата мрежа. Шкендија беше инфериорна, не создаваше шанси, а на „Чаир“ следевме доста груб натпревар, во кој судијата Јакимовски мораше да ја смирува ситуацијата со жолти картони. Првата вистинска закана за Шкендија на натпреварот пристигна во 35. минута, кога Гури се закани од слободен удар, ама топката профуче над голот. Потоа, три минути подоцна, голманот Кристијан Наумовски ги покажа квалитетите на дело, со двојна одбрана по обидите на Биљали и Тимовски.

Стартот на вториот дел донесе доста претпазлива игра. Немаше сериозни шанси, се до 70-тата минута кога го забележавме првиот гол. Нововлезениот Нафиу одлично центрираше, топката уште подобро ја смести во мрежата Синдри Гури, кој му избега на Чешмеџиев и го надмудри Наумовски со лоб. По примениот гол следеше мал прекин, поради фрлање на предмети од трибините.

Шкупи се разбуди откако гостинот поведе и имаше две сериозни шанси. Првата беше во 77. минута кога Адетунџи биеше со глава, но Захов спаси, а потоа шутот на Брдаровски заврши во пречката од голот на Шкендија. Седлоски потоа ги фрли сите адути на една карта, го внесе и Марко Ѓорѓиевски, играше со еден стопер помалку, па тоа вроди со плод во 87. минута. Ерупција на стадионот „Чаир“ предизвика Фреди Алварез, кој магично реализира од слободен удар и донесе бод (1-1).

Чаирчани со ова реми остануваат непоразени на домашен терен и воедно се главни фаворити за освојување на тронот по завршувањето на сезоната. Имаат седум бода повеќе од второпласираната Академија Пандев, а осум од Шкендија. Во последното есенско коло Шкупи гостува кај Борец, додека Шкендија е домаќин на Скопје.