Фернандо Торес и рекордот кој го нема ниту еден друг фудбалер

Фернандо Торес финале

Од поодамна е познато дека еден од најголемите таленти кои го носеле дресот на Атлетико Мадрид, Фернандо Торес, на крајот од сезоната по вторпат ќе ја напушти екипата. Искусниот 34-годишен напаѓач не е во првите планови на Диего Симеоне, па реши да ја продолжи кариерата надвор од „Ванда Метрополитано“.

Се работи за еден од најдобрите голгетери кои се појавиле во Европа во последните 20 години. Од неговите денови во Ливерпул, па преку настапите за репрезентацијата на Шпанија, популарниот „Ел Нињо“ секогаш бил закана за противничките голмани. 

Вечерва тој се наоѓа пред нов предизвик, а тоа е финалето од Лига Европа (ЛЕ) против Олимпик Марсеј. Ако се земат предвид неговите учиноци во финалните натпревари, тогаш Симеоне не треба да се сомнева во својот избор за напаѓачката линија на денешната средба. Сепак, се чини дека Аргентинецот целосно ја загубил довербата кај Торес, па не се очекува негов настап на стадионот во Лион.

Шпанскиот напаѓач зад своето име има рекорд кој го нема ниту еден друг. Тој е единствениот фудбалер кој играл и победил на финалиња на Европско првенство, Светско првенство, Лига на шампиони и Лига Европа. Блиску до неговото достигнување е Хуан Мата, кој ги освоил сите турнири, но не настапил на финале на еден Мундијал.