Фернандез ќе игра против Бенфика, а потоа ќе отпатува на дербито на „Енфилд“

Бруно Фернандез како никогаш досега е блиску до трансфер на кариерата. Неколку дена се шпекулира дека наскоро ќе го облече дресот на Манчестер Јунајтед, а медиумите од Островот денес пишуваат дека португалскиот играч за врска веќе ги договорил сите детали околу личните услови и наскоро се очекува да пристигне во Манчестер.

Одличниот офанзивец на Спортинг, кој и оваа сезона е еден од најдобрите во португалскиот шампионат, наводно утре ќе го одигра последниот натпревар за „зелените“ против големиот ривал Бенфика, а потоа ќе се упати во Англија, односно директно на „Енфилд“, каде „ѓаволите“ го играат вечното дерби против Ливерпул. 

Португалски „Рекорд“ тврди дека, иако се преговараше во овој трансфер да се вклучат и неколку фудбалери на Јунајтед, сепак на крај двата клуба се договориле на трансфер вреден 50 милиони фунти, плус десет милиони во форма на бонуси во зависност од настапите на Фернандез и успесите на тимот.

25-годишниот репрезентативец на Португалија ќе потпише договор на три и пол години, а по сезона ќе заработува по шест милиони фунти.