Фернандеш: Играњето за Јунајтед беше детски сон, немам намера да си одам!

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернадеш, за англиските медиуми даде изјава која ги израдува навивачите и се осврна на неговото евентуално заминување од клубот. 

Дел од новинарите подолго време шпекулираа дека управата размислува за продажба на Португалецот, но тој со една изјава ги демантира овие наводи и рече дека играњето за Јунајтед за него било исполнување на детскиот сон. 

„Мислам дека нема ништо што повеќе ме исполнува од играњето на „Олд Трафорд“. Кога ќе истрчам на овој стадион, знам дека сум посакуван и почитуван од сите на трибините. Имав една детска мечта, а таа беше да играм за овој клуб. Сега, кога конечно ми се исполни, немам намера така лесно да заминам од тука. 

Имавме лоша сезона и сите сме свесни за тоа. Нема да ги лажам навивачите дека сме можеле подобро, затоа што очигледно е дека ривалите се сериозни и постојано напредуваат. Сега мораме да се фокусираме на блиската иднина, односно на следната сезона. Тимот сигурно ќе има нов лик, а јас би сакал да останам негов предводник“, изјави Фернандеш. 

Во Манчестер Јунајтед се најавуваат огромни промени во играчкиот кадар, а наскоро се очекува и заминувањето на тренерот Ерик Тен Хаг. Бруно Фернандеш пристигна кај „ѓаволите“ од Спортинг Лисабон пред четири години и оттогаш одигра 232 натпревари, на кои постигна вкупно 79 голови.