• Горан Упале
Екипата на Барселона сè поверојатно сезоната во Примера ќе ја заврши на втората позиција на табелата. Шампионот од минатата сезона на шпанскиот шампионат вечерва не дозволи изненадување на гостувањето кај „фенерџијата“ Алмерија и со сигурни 0-2 (0-1) впиша важни три бода на своето конто.
Сега, на две кола до крајот на првенството Барса има четири бода повеќе во однос на Џирона, па тешко веројатно дека ќе си дозволи два кикса и вицешампионското место да ѝ го препушти на овосезонската сензација во Примера. Во следното коло каталонскиот гигант ќе се судри со Рајо Ваљекано на нашиот Столе Димитриевски, додека за последен ривал го има тимот на Севиља. Џирона, пак, патува во Валенсија, а на крај ќе ја пречека Гранада.
Вечерва, Барселона рутински стигна до потребните три бода, а најзаслужен за тоа беше младиот Фермин Лопез. 21-годишниот офанзивец беше стрелец на двата гола, првиот во 14. минута на додавање на Форт, додека вториот во 67. минута по додавањ на Серхи Роберто.
Реал Сосиедад на домашен терен ја совлада Валенсија со 1-0, со голот на Андре Силва во третата минута, и ги задржа шансите за место во Конференциската лига. Овосезонски шампион во Примера е Реал Мадрид, кој на две кола до крајот на сезоната има 93 бода (29 победи, шест реми исходи и само еден пораз).