Ферхан Хасани се врати на добро познат терен и потпиша со дански второлигаш

Искусниот поранешен македонски репрезентативец и капитен на Шкендија, Ферхан Хасани ја продолжува својата кариера во добро позната средина и се враќа во Данска каде ќе настапува за тимот на Хелсингор. 32-годишниот фудбалер за врска во следните две години ќе игра за второлигашот и ќе се обиде да му помогне на тимот за остварување на подобри резултати. 

Популарниот „Буба“ Хасани играше во минатото и за Брондби, така што ова за него е втора етапа во скандинавската земја. Офанзивецот оваа сезона ја заврши како играч на Шкендија со која се раздели пред извесно време и сега замина по нов предизвик во Данска. 

Во оваа земја веќе настапува и Сефер Емини кој е член на Сондерјуске, а пред неколку сезони во оваа лига играше и Александар Трајковски кој беше дел од екипата на Алборг.  

Хасани има големо интернационално искуство, па покрај Данска, играше и во Германија, Финска, Саудиска Арабија.