• Саше Љолес

Легендарниот тренер на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон изјави за англиските медиуми дека нивниот најголем ривал, Манчестер Сити успеал да создаде екипа која со секоја измината сезона изгледа застрашувачки, а најголема заслуга за тоа има тренерот Пеп Гвардиола.
Популарниот Ферги отворено и искрено го пофали својот многу помлад колега и лично му ја врачи наградата за најдобар тренер за изминатата сезона во Премиер лигата.
„Пеп ја освојува оваа награда потполно заслужено. Тој создаде тим кој секоја година е сè посилен. Тие на моменти изгледаат застрашувачки на теренот, а противниците се плашат од нив. Сличен беше случајот со мојот Манчестер Јунајтед. Некогаш самото име на клубот ги добиваше натпреварите, дури и кога играчите имаа лош ден.
Сити одигра најдобро кога беше најпотребно, погледнете ги само нивните изданија во финишот на сезоната и ќе ви стане јасно. Тие имаат уште две финалиња пред себе и имаат можност да бидат еден од ретките тимови со три трофеи во една сезона“, заклучи „стариот лисец“ Фергусон.
Пеп Гвардиола ја доби престижната награда за „најдобар менаџер во Премиер лигата“, а во трката го победи тренерот на Арсенал, сонародникот Микел Артета.
Манчестер Сити ќе одигра финале против Манчестер Јунајтед во ФА-Купот, а седум дена подоцна ќе се соочи со Интер во завршниот натпревар од Лигата на шампионите.